Воислав Дабевски кој живее во Осло, Норвешка на социјалните мрежи сподели приказна која наиде на револт кај јавноста. Имено, тој им понуди помош на семејствата на повредените во пожарот во Кочани, но едно лице се обидело да извлече пари од него преку измама. Ова следува откако има најави дека дел од повредените лица од кочанската трагедија ќе бидат испратени на лекување и во оваа скандинавска земја.
Дабевски објасни дека за малку ќе бил измамен кога му се јавил маж, претставувајќи се како млад човек кој ја изгубил мајка си во трагедијата и барајќи пари за наводниот третман на неговата тетка.
„ВНИМАВАЈТЕ луѓе, постојат нелуѓе! За малку ќе наседнев на измама за пари откако понудив помош по трагедијата во Кочани. Добив повик од дечко кој се претстави како Филип Мицевски, 20-годишен син на пејачката Сара Пројковска, која загина во пожарот. Тој ми раскажа дека неговата сестра, која била со Сара во клубот, сега лежи во болница во Скопје со тешки изгореници и дека во петок треба да ја префрлат во болница во Осло. Звучеше вознемирено, дури и плачеше – толку убедливо што почнав да го тешам. Потоа ми побара пари за маст за изгореници, и тогаш почнав да се сомневам. Ми испрати и слика од пасош, но веднаш забележав по годината на раѓање дека личноста на него е 30-годишен маж, а не 20-годишно момче.
Во меѓувреме, се распрашав по пријатели за да проверам дали приказната е вистинита – и, како што претпоставував, беше целосна измама. Затоа, бидете внимателни! Во светот има измамници кои ќе се обидат да ја искористат вашата добрина. Но, јас и понатаму верувам – добри луѓе постојат“, стои во објавата на македонскиот државјанин кој живее во Норвешка.
За потсетување, меѓу жртвите имаше и повеќе членови на бендот „ДНК“ што таа вечер настапуваше во дискотеката, меѓу кои е и професорката и пејачката Сара Пројковска. Сара, која беше мајка на две деца, во јавноста беше позната како придружен вокал не само на групата, туку и на други популарни бендови.