Новак Ѓоковиќ ретко беше во Белград и Србија во последните месеци, а многумина го поврзуваат ова со неговото дистанцирање од владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Пред неколку месеци, најдобриот тенисер на светот јавно ја изрази својата поддршка за студентите кои протестираат против владата, јасно ставајќи до знаење на чија страна стои. Иако се чинеше дека се повлекол од јавноста и српската политика, тој го негираше тоа со вчерашните објави на социјалните мрежи.
Ѓоковиќ ја одбележа годишнината од трагичниот настан во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа при уривање на настрешница на 1 ноември минатата година. Тој објави неколку „сториња“ на Инстаграм, вклучувајќи и потсетник за трагедијата и фотографија со имињата на сите жртви.
Додека медиумите блиски до српската Влада ги објавија првите две објави на Ѓоковиќ, за третата целосно премолчеа. Имено, на неа, легендарниот тенисер сподели фотографија од протестот во Нови Сад, на која се гледа макета со неговиот лик што демонстрантите го донеле како симбол на поддршката на Ѓоковиќ.

Неговиот потег дополнително ги налути поддржувачите на српската влада и државниот врв, додека бројни граѓани на Србија му се заблагодарија за неговата храброст и емпатија.