Пејачот Амар Исмани (29) синоќа бил убиен во Скопје, а од него на социјалните мрежи се простуваат голем број пријатели и обожаватели. Тој бил застрелан во престрелка, додека две лица се повредени по масовна тепачка на улицата позната како „Пластичарска“.
Исмани бил многу популарен кај албанската естрадна сцена, особено кај помладата публика, а на Инстаграм го следеле над 300.000 луѓе.
На социјалните мрежи често споделувал фотографии од своите патувања. Исто така, во фото-албумот кој го објавил на 25 април, може да се види дека се верил со својата девојка и избраничка.
Официјално, според МВР, полицијата прво била известена во 23 часот и 40 минути дека на булеварот „Никола Карев“ имало пукање во кое имало повредени.
Во 23 часот и 45 минути било пријавено дека едно лице со прострелни рани било пренесено во ГОБ „Наум Одридски“.
Во 23.51 часот, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б.(19) и А.И.(29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош, во 00.45 часот на 27.05.2024, А.И. починал.
Се трага по сторителите и расветлување на трагичниот настан.