📸 ДУИ: Состојбата на Албанците се враќа на условите пред 2001 година, кога никој не ги слушаше легитимните поплаки

од Даниел Ѓорѓиевски
15 прегледи

Демократската унија за интеграција (ДУИ) жестоко реагираше на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој во контекст на албанските политички партии оцени дека „поплаките за деградација на Албанците се само заштита на корупцијата“, а ДУИ треба да понуди „креативни идеи“.

Од партијата остро возвратија дека ова е уште еден обид за релативизирање на реалните проблеми со кои се соочуваат Албанците во државата, споредувајќи ја актуелната ситуација со состојбите од пред 2001 година.

„И тогаш никој не сакаше да ги чуе поплаките на Албанците, кои беа прогласувани за иредентистички. Денес, истите поплаки се прогласуваат за корупциски. Иста содржина – нова амбалажа“, наведуваат од партијата.

ДУИ предупредува дека се враќаат наративите за наводна рамноправност, додека во пракса, како што велат, Албанците повторно се исклучени и невидливи во институциите.

„Ако премиерот навистина бара креативни идеи, тогаш нека ги разгледа следниве: недопирливост на Охридскиот договор и законот за употреба на албанскиот јазик, ветинг за сите функционери од 1991 до денес, како и отворање на процесот на приватизација за да се утврди кој и како профитирал од јавното богатство“, порачуваат од ДУИ.

Со оваа реакција, партијата укажува дека не се работи за избегнување на одговорност, туку за барање вистинска рамноправност и институционална еднаквост.

Слични содржини