Поранешниот американски претседател и кандидат за иден мандат од Републиканската партија Доналд Трамп смета дека сега одлуките во Белата куќа ги носат група фашисти, комунисти и марксисти. Ваквата изјава тој ја даде во интервју за „Фокс њуз“, посочувајќи дека за разлика од него, тие се закана за демократијата во САД.
„Погледнете што направија. На Бајден му ја одземаа кандидатурата како да е мало дете. Му ја одземаа и претседателската функција. И неговата сопруга не сакаше да се случи тоа“, рече Трамп.
Според него, демократите направиле државен удар со тоа што го повлекле Бајден од претседателската трка, а на негово место ја ставиле Камала Харис, само неколку месеци откако милиони гласачи го дале гласот токму за него.
На прашањето кој ја води САД додека трае претседателската кампања, Трамп одговори: „Група луѓе кои се фашисти, комунисти и марксисти. Тие кружат околу Овалната соба и Министерството за правда“, вели тој.
На следното прашање, зошто смета дека Бајден не ги носи големите одлуки во Белата куќа, Трамп рече дека “тој не знае ниту дека е жив“.
Според него, земјата треба да се врати по разумниот пат, бидејќи Демократската партија, како што рече носела луди чекори. Трамп посочи дека републиканците се борат за ниски даноци, добро образование и остварување на американскиот сон за помладите генерации.
На митингот во Пенсилванија пред околу две недели, Трамп заврши со повреда на увото, откако 20-годишниот Томас Метју Крукс пукаше кон него, качен од покрив на објект во близина.
Нападот на Трамп отвори низа сомнежи за можни проспусти во постапувањето на обезбедувањето, луѓето од кампањата и безбедносните служби.