📽️Кривична за полицајци: Евидентирале дека турски државјани влегле во Македонија, а ги немало на ГП Долно Блаце

од Nikola Popovski
430 прегледи

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против М.И. и К.С., полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в oд Кривичниот законик.

На 31.01.2024 и 05.02.2024 првопријавениот М.И. евидентирал лица државјани на Република Турција кои не оствариле влез на граничниот премин и кои воопшто не биле присутни на граничниот премин во тие денови. Второпријавениот К.С., раководител на смена, не извршил должен надзор врз работата на првопријавениот и на тој начин им овозможиле на лицата да го регулираат престојот во државата и покрај тоа што како странци го пречекориле дозволениот период за престој согласно законските прописи.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки именуваните да бидат отстранети од работното место и од министерството до завршување на дисциплинската постапка.

Слични содржини