📽️Родители се степаа на натпревар, децата во шок: Се огласија од ФФМ

од Nikola Popovski
1,8K прегледи

Родители на неколку деца се степале пред два дена на натпрeвар од детската лига, на теренот на тренинг -центарот „Петар Милошевски“. Имено, на натпревар меѓу младите фудбалерчиња на Фит Кид и Сарај, дојде до скандал кога неколку незадоволни родители на дечиња од Сарај сакаа да ја земат правдата во свои раце и се пресметаа со тренерите на тимот на Фит Кид. Тие се судриле на теренот, прекинувајќи го натпреварот и предизвикувајќи хаотична ситуација на која најисплашени беа најмладите.

Фудбалската федерација на Македонија изразува длабока разочараност од инцидентот што се случи на детскиот фудбалски натпревар од финалниот турнир на тренинг центарот.

-Она што требаше да биде настан на кој се слави спортскиот дух, тимската работа и радоста на играта беше нарушено со неприфатливото однесување на дел од присутните родители. Како организација посветена на промовирање на позитивна и фер-плеј средина за нашите најмлади фудбалери, најостро го осудуваме однесувањето на присутните родители кои го предизвикаа и учестуваа во инцидентот. Таквото однесување е спротивно на вредностите што ги поддржуваме и примерот што се стремиме да им го дадеме на нашите деца. Од клучно значење е сите да се стремиме кон основната цел на детскиот спорт: поттикнување развој, забава и почит меѓу учесниците, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на ФФМ.

Се додава дека ФФМ како организатор на Детската лига сериозно размислуваше за драстична одлука и суспендирање на понатамошните натпревари, но таа одлука би значело само штета за сметка на радоста на децата и нивната желба за игра.

-ФФМ сепак донесе одлука понатамошните натпревари да се одиграат без присуство на публика. Исто така, тренерите на тимовите учесници во натпреварувањето се известени да го почитуваат кодексот за фер-игра и однесување. Секое спротивно однесување ќе подлежи на дисциплински сакнции. Ги повикуваме сите родители и гледачи во иднина да размислуваат за влијанието што нивните постапки го имаат врз децата и секогаш да се однесуваат на начин кој поддржува и поттикнува позитивен развој. Наш приоритет е да обезбедиме секое дете да ужива во играњето фудбал во безбедна и позитивна средина, стои во соопштението на ФФМ.

Детските лиги на ФФМ неколку години се играат на терените во скопската населба Ново Лисиче крај зградата на федерацијата.

Слични содржини