📽 Австралијка прогласена за невина по 20 години затвор за убиство на своите четири деца

од Stefanija Kuzmanovska
261 прегледи

Австралијката Кетлин Фолбиг беше ослободена од обвинението за убиство на своите четири деца по 20 години затвор, бидејќи Врховниот суд на Нов Јужен Велс денеска пресуди дека доказите што првично биле користени се „не веродостојни“, јавува Би-Би-Си.

Благодарение на новите научни сознанија кои открија дека децата на Фолбиг би можеле да умрат од природна смрт поради неверојатно ретки генетски мутации, главниот судија Ендрју Бел ја ослободи Фолбиг од сите обвиненија.

Претходно, австралиската влада ја помилуваше и ја ослободи 56-годишната жена во јуни, по 20 години поминати во затвор. Фолбиг рече дека доказите за нејзината невиност биле „игнорирани и отфрлени“ со децении.

„Системот претпочиташе да ме обвинува мене отколку да прифати дека понекогаш децата можат да умрат ненадејно и неочекувано“, додаде таа.

Адвокатскиот тим на Фолбиг потврди дека ќе бара отштета во нејзино име, но не кажа колку.

Четири од нејзините деца – Кејлеб, Патрик, Сар и Лаура – починале ненадејно помеѓу 1989 и 1999 година, на возраст меѓу 19 дена и 18 месеци, а обвинителите тогаш тврдеа дека таа ги задушувала.

Обвинителството се потпираше на посредни докази, користејќи ги дневниците на Фолбиг кои никогаш не биле прегледани од психолози или психијатри, за да ја прикаже како нестабилна мајка склона кон бес, наведува Би-Би-Си. Во 2003 година таа беше осудена на 40 години затвор за убиство на четирите деца, а подоцна по жалба казната беше намалена на 30 години.

Слични содржини