📽 ЕКСПЛОЗИИ ВО КИЕВ: Објавени први снимки од масовниот руски напад

од Stefanija Kuzmanovska
313 прегледи

Русија утрово изврши ракетен напад врз Киев и други украински градови, соопшти украинското воздухопловство, при што загина едно лице на југот. Беа активирани системи за противвоздушна одбрана во главниот град, каде се слушнале неколку експлозии.

Во центарот на градот околу 7 часот се слушнале две силни експлозии, а 45 минути подоцна уште најмалку две, објави „Киев пост“. Еден од новинарите слушнал како ПВО истрелува повеќе проектили и видел една експлозија во воздух.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека се распоредени системи за противвоздушна одбрана и ги повика луѓето да останат во нивните засолништа. Тој наведе дека лекарите соопштиле дека едно лице починало во областа Дњепар во главниот град.

Во ракетен напад на југот во Николаив загина едно лице, а оштетени се најмалку 20 станбени згради. Пријавени се и неколку повредени лица, изјави градоначалникот на градот, Олександр Сиенкевич.

„Има оштетени станбени објекти. Околу 20 од нив се без покриви. Од страна на комуналните претпријатија веќе се санираат оштетувањата на мрежите за гас и вода. Има ранети. Едно лице е хоспитализирано. На другите им беше укажана помош на лице место“, напиша тој на Телеграм пред да додаде дека хоспитализираниот маж починал.

Олех Синехубов, гувернер на Харковската област во североисточна Украина, навел дека руски проектили погодиле нестанбена инфраструктура во градот Харков, административен центар на регионот.

Цела Украина беше под предупредување за воздушен напад околу 6 часот утрово, а украинските воздухопловни сили предупредија преку Телеграм за ризик од руски ракетен напад.

Во Киев и остатокот од земјата, воздушните предупредувања се на сила повеќе од два часа, пренесе „Ројтерс“.

Напади се забележани и во областите Николаев и Лавов, пренесува „Гардијан“.

Слични содржини