Поранешниот претседател на САД и актуелен кандидат за претседателска номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп изјави дека не би ја штител ниту една земја-членка на НАТО ако не си ги плаќа обврските кон Алијансата. Тој, како што рече на вчерашниот митинг во Јужна Каролина, дури и би ја охрабрил Русија да прави што сака, затоа што САД не штитат „деликвенти“. Трамп како пример наведе разговор од НАТО состанок со лидер на една земја членка на Алијансата.
„Еден од претседателите на една голема земја стана и праша: ‘Господине, ако не плаќаме и Русија нè нападне, дали ќе не заштитите?’, – ‘Не плаќате, криминалци сте? Не, не би ве заштитил, би ги охрабрил да прават што сакаат’. Треба да платите. Треба да си ги платите сметките,“ порача Трамп.
Изјавата на Трамп наиде на остри критики од Белата куќа. Си-Ен-Ен пренесува дека портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс изјавата на Трамп ја оценил како застрашувачка и несоодветна.
„Охрабрувањето на убиствените режими да ги напаѓаат нашите најблиски сојузници е ужасно и несоодветно и ја загрозува националната безбедност на САД, глобалната стабилност и американската економија“, истакна Бејтс.