📽 Украина ги нападна Ростов и околината, гори железничка станица

Ростовската област е сместена крај Азовското Море и на границата со Украина. Има клучна улога во снабдувањето на руските сили на фронтот.

од desk2
16 прегледи

Во голем напад со дронови (беспилотни летала), ноќеска Украина ја нападна Ростовска област во Русија, при што нанесе големи штети на железничката станица во градот Салск, каде изби пожар, соопштија руски официјални претставници.

На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на коишто се гледа пожар на станицата. В.Д. гувернерот на Ростовска област, Јуриј Слусар, потврди на Телеграм дека на железничката станица избил пожар, но вели дека немало жртви.

Руската државна компанија „Руски железници“ извести за оштетување на контактни надземни водови, но целосните димензии на штетите се уште непознати.

 

Освен железничката станица, украинските дронови наводно погодиле и станбени објекти и возила во градот Салск, кој е на околу 200 километри од украинската Донецка област окупирана од Русија. Гувернерот Слусар тврди дека во еден од нападите на автомобили загинал возач.

Уште еден пожар е забележан во селото Орловски во Ростовската област, каде што дрон наводно погодил трафостаница што ја напојува со струја железничката инфраструктура.

 

Руското министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта се соборени вкупно 74 украински беспилотни летала над различни региони на Русија.

Ростовската област е сместена крај Азовското Море и на границата со Украина. Има клучна улога во снабдувањето на руските сили на фронтот.

Складови за нафтени деривати, железничка инфраструктура и складишта на муниција во Русија и на окупираните подрачја стануваат сѐ почесто мета на украински далекудострелни напади со дронови.

Слични содржини