📽„Кога лидерот на Хамас ќе се појави во мрачните тунели…“: Драматична исповед на жена која била заробена

од Stefanija Kuzmanovska
418 прегледи

Израелка (72) која била заробена од милитантите на Хамас речиси 50 дена изјавила за израелската телевизија дека била затворена во мрачен, влажен тунел каде што се запознала и со лидерот на Хамас.

Адина Моше била однесена од кибуцот Нир Оз на 7 октомври. Таа беше ослободена кон крајот на ноември како дел од договорот со кој беа ослободени околу 100 заложници, главно жени и деца во замена за привремен прекин на огнот и ослободување на Палестинци кои ги држи Израел.

Нејзиното интервју за израелската телевизија Канал 12 доаѓа додека се прават напори да се постигне нов договор кој би можел да ги ослободи преостанатите 100 затвореници и веројатно да доведе до прекин на огнот. Нејзиното сведочење фрла ново светло на суровите услови во кои живееле заложниците. Моше сведочи дека Јахја Синвар, водачот на Хамас во Газа, ја посетил нејзината група заложници длабоко во подземен тунел.

„Здраво. Како сте? Дали е се во ред?“, им рекол Синвар на заложниците според изјавите на Моша и таа тврди дека им се обраќал на хебрејскиот јазик што го научил во времето кога бил во затвор во Израел. Моше вели дека заложниците само ги наведнале главите и не одговарале на прашањата на Синвар.

Членови на Хамас упаднале во нејзината куќа и го убиле нејзиниот сопруг

Моше го опиша денот кога била киднапирана. Милитантите на Хамас упаднале во куќата во која живеела со нејзиниот сопруг Давид, кој бил застрелан во ногата, но подоцна бил убиен од еден од милитантите на Хамас. Таа била киднапирана и однесена во Газа со мотоцикл во придружба на двајца вооружени милитанти. Рекла дека еден од нив насилно и ја извадил обетката и дека и го одзеле целиот накит. Заедно со другите заложници била однесена во тунелите на Хамас и вели дека пешачеле пет часа низ подземни, темни и задушувачки премини додека не стигнале до просторијата каде што им било кажано дека ќе бидат ослободени во следните денови.

„Им верувавме. Верувавме дека ова ќе биде првото нешто што Израел ќе го направи“, рече таа. Но, на крајот поминаа речиси 50 дена додека да ја ослободат. „Им реков на другите заложници дека ќе бидеме тука најмалку два месеца, но не поради Хамас“, вели таа, бесна што израелската држава не обезбедила нивно ослободување порано.

Времето го поминувале со предавања

Моше ги минувала деновите со другите заложници, мажи, жени и деца, додека вооружени стражари стоеле покрај нив. Јаделе мали порции од конзервирана храна и ориз, а просторијата била слабо осветлена.

За да помине времето, таа рече дека тројцата заложници, еврејски историчар, љубител на филмови и арапски говорник, им понудиле да им одржат предавања на другите заробеници. Тројцата споменати мажи се уште се во заробеништво.

Од длабоко под земја, таа вели дека не го слушнала масовното израелско бомбардирање на Газа, но вели дека повремено се чувствувале потреси во тунелите. Таа е загрижена за судбината на преостанатите заложници затоа што вели дека на видеата видела дека тунелите каде што ја држеле сега се празни.

„Имам чувство дека некои од нив не се живи, бидејќи знам дека веќе не се на местото каде што бев јас“, раскажала Моше низ солзи.

Слични содржини