Ако им се верува на изворите на „Скај Спорт“, Карло Анчелоти има уште три натпревари да одигра пред крајот на неговиот мандат во Реал Мадрид – првенствени натпревари против Атлетико и Хетафе, како и финалето на Кралскиот Куп.
После тоа, 65-годишниот тренер ќе го заокружи вториот мандат на клупата на Кралскиот клуб.
Самиот Анчелоти навести дека нешто опасно се подготвува кога зборуваше за неговата иднина во Реал по поразот од Арсенал во средата навечер.
„Можеби клубот одлучи да ме замени, можеби оваа година или можеби следната година кога ќе ми истече договорот. Но, штом ќе завршам овде, ќе му бидам благодарен на овој клуб. Тоа може да биде утре, за десет дена, за еден месец или за една година, но дали ќе ми заврши договорот или не, искрено, не ми е важно“, изјави Анчелоти и додаде: „Многу пати знаевме да управуваме со светлата страна и да освојуваме трофеи, но сега треба да научиме да се справуваме и со темната страна. Мора да го прифатиме тоа…“
Дон Карло повторно го презеде Реал во 2021 година и оттогаш освои се што може да се освои: две титули во шпанската лига, два трофеи во Лигата на шампионите, Купот, два Суперкупа на УЕФА и два Светски клупски првенства на ФИФА. Вкупно во актуелниот мандат го водеше Реал 226 натпревари при што оствари 156 победи, 35 нерешени и 35 порази.
Во својот прв период во Мадрид, од 2013 до 2015 година, тој исто така беше успешен, освојувајќи ја Лигата на шампионите, Купот, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство на ФИФА.
Sky Sports News understands that Carlo Ancelotti could leave Real Madrid after the Copa del Rey final on April 26 🚨 pic.twitter.com/HYLHDy9ulE
— Sky Sports News (@SkySportsNews) April 17, 2025
Според „Скај Спортс“, се очекува Анчелоти да ја преземе функцијата селектор на бразилската репрезентација по заминувањето од Реал Мадрид, за што веќе добил понуда од Бразилската фудбалска конфедерација.
За време на неговата богата тренерска кариера, Анчелоти ги водеше и Реџина, Парма, Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Баерн, Наполи и Евертон, освојувајќи го практично секој можен клупски трофеј.
Што се однесува до наследникот, во прв план е Чаби Алонсо, кој привлекува големо внимание со одличната работа во Баер Леверкузен. Се споменува и можноста за доаѓање на Јирген Клоп, а конечната одлука наскоро ќе ја донесе претседателот на клубот Флорентино Перез.