„Наше е да не дигаме раце“: Димитров не сака да создаде преголеми очекувања, Рот оптимист

од Берта Китинска
258 прегледи

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров истакна дека земјава не смее да се откажува од решавање на проблемот со соседна Р. Бугарија, но притоа да не создава преголеми очекувања.

– Ние во изминатиов период за време на германското претседателство со советот на ЕУ, но и последниве месеци работиме од блиску за да направиме нешто што е заеднички успех и за македонските граѓани и за целиот регион на Западен Балкан и за сите наши соседи, и тие што се членки, а и тие кои не се, а и за ЕУ во смисла на кредибилноста и влијанието што Унијата ја има во регионот, истакна Димитров.

Тој додаде дека предлогот од португалското претседателство со ЕУ е оценет како добра основа од страна на Република Северна Македонија.

– Дојде предлог од португалското претседателство со ЕУ, што од наша страна беше оценет како добра основа за конечно решение. Предзвик е да се менаџира со очекувањата, бидејќи неколку пати имаме зборувано. Наше е да не дигаме раце, без притоа да создадеме некакви преголеми очекувања. Мислам дека треба да работиме на резултат, а не на подигнување на очекувањата. Тоа што претседателот Пендаровски и претседателот Радев се денеска заедно во Рим е јасен сигнал дека возобновува дијалогот и мислам дека македонско-бугарското пријателство, додаде Димитров

Рот рече дека има шанса уште во јуни да се дојде до решение прифатено од сите засегнати страни. Тој кажа и дека нема проблем меѓу ЕУ и Македонија, туку има билатерален проблем и тој билатерален проблем треба да се реши меѓу двете земји и ако притоа тие можат да помогнат, ќе го направат тоа.

Португалското претседателство со ЕУ активно работи на вакво решение. Ние од Германија го поддржуваме колку што можеме и се надевам ќе имате трпение. Важни се и реформите и тоа е мојата порака до Владата овде. Потребни се болни реформи за владеење на право, борба против корупција и непотизам. Тие не се подарок за Брисел и за Берлин тие се во интерес на самата земја, рече Рот.

Одлуката за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни. За ова ќе се разговара и на Советот на министри за надворешни работи на 22 јуни.

Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство

Премиерот Зоран Заев во Владата оствари средба со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.

На средбата е потврдена одличната билатерална соработка којашто ја имаат Германија и Северна Македонија во развојот на државата и посебно во делот на економијата.

Исто така, поздравена е конструктивната улога на Република Северна Македонија во регионалната политика и е изразена надеж дека преку зрели политики на меѓусебно почитување, напредок е можен.

Соопштено е дека Република Германија го поддржува напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите. При тоа е пренесено дека Германија целосно го поддржува предлогот на португалското претседателство.

Заев му се заблагодари на министерот Рот за сите напори коишто ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чијашто цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамките на португалското претседателство.