Кандидатите за градоначалници во 44 општини во земјата, вклучувајќи го и Градот Скопје, ќе ја искористат можноста да ги испратат последните пораки до гласачите и да го придобијат нивниот глас в недела кога ќе се одржи гласањето. Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври.
Партиските лидери и кандидатите за градоначалници последните денови од кампањата ги користат да ги повикаат граѓаните во општините каде што се гласа масовно да излезат и да го искористат своето демократско право, но исто така сведоци сме на засилување на реториката.
Главниот град останува најважниот „трофеј“
Освен Данела Арсовска, бугарско државјанство имал и нејзинот сопруг- тврдат од владејачката СДСМ, од каде и денеска презентираа документи за кои уверуваат дека се валидни и веродостојни, проверени преку сајтот на бугарското министерство за внатрешни работи. Датумите на раѓање и бројот на личните карти го потврдуваат тоа, рече Славјанка Петровска на прес конференција. Додаде дека Арсовска имала длабоки врски со Бугарија и Унгарија и затоа не била компетентна да биде градоначалник на Град Скопје.
– Ова е Удостоверението на Ангел Арсовски, сопруг на Арсовска, издадено 2010 година. Идентично исто како и Арсовска, и Арсовски има бугарска лична карта. Со име и презиме, со номер, со гражданство. Бугарската лична карта на Ангел Арсовски е издадена еден месец пред бугарската лична карта на Данела, односно на трети април 2017 година. – Славјанка Петровска – СДСМ.
Никој не заслужува ваква црна кампања – реагира Арсовска за обвинувањата од СДСМ. Претходно во видео обраќање таа кажа дека против неа се води силна негативна кампања, но вели не се откажува од победата во недела.
-, никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого. Никој во оваа земја не заслужува да биде понижуван и навредуван. Затоа што тој што тоа го прави покажува ароганција и слабост. Затоа што тој што тоа го прави сака да ги скрие своите криминали и да избегне одговорност. – Данела Арсовска – кандидат за градоначалник на Град Скопје.