Попладнево во Кочани се одржа четиринаесеттиот протестен „Марш за ангелите“, организиран од граѓснското здружение „16 март 2025 – Кочани“, кое го сочинуваат родителите и роднините на загинатите во тешката трагедија. За правда за своите деца, најблиските на загинатите маршираa по предвидената маршута, од Паркот на револуцијата во Кочани, преку Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани откаде ќе се упатат кон полициската станица и пред зградата на основниот суд и обвинителство во Кочани.
Семејствата на повредените и загинатите не дадоа изјава за медиумите. Со транспаренти, фотографии од загинатите и свирчиња, тие ги исвиркаа институциите и повторно испратија порака дека нивната борба не е политичка, туку човечка и морална.
Претходно, во 16:30 часот, во Центарот за култура „Бели Мугри“ се одржа комеморативен настан во организација на Општина Кочани, со наслов „Во сеќавање – посветено на загинатите од пожарот во Кочани“. Со овој настан, градот им оддаде почит на жртвите, но и ќе ја продолжи борбата за вистина, одговорност и казна за сите кои дозволија ваква трагедија да се случи.