Извештај на ОН: Светот влезе во ерата на „глобален воден банкрот“

Светот влегол во фаза на „глобален воден банкрот“, состојба која веќе ги погодува милијарди луѓе и претставува сериозна закана за општествената стабилност и мирот, се наведува во најновиот извештај на Обединети нации.

од desk4
3 прегледи

Авторите предупредуваат дека прекумерната употреба и загадувањето на водата мора итно да се стават под контрола, бидејќи никој не може со сигурност да предвиди кога целиот систем би можел да колабира.

Според извештајот, човештвото со децении користи вода побрзо отколку што таа може природно да се обнови во реките и почвата. Притоа, долгорочните резерви во подземните водоносници и мочуриштата се прекумерно експлоатирани или целосно уништени. Ова довело до состојба во која многу водни системи ја поминале точката од која нема враќање.

Климатската криза дополнително го влошува проблемоt,  топењето на глечерите и честите екстреми, од силни суши до обилни врнежи, создаваат нестабилен и непредвидлив воден циклус. Како резултат на тоа, околу 75 проценти од светското население живее во земји кои се класифицирани како водно небезбедни или критично небезбедни, а две милијарди луѓе живеат на тло кое тоне поради колапс на подземните водоносници.

Во извештајот се наведува дека конфликтите поврзани со водата нагло се зголемиле по 2010 година. Големи реки, како Колорадо во САД и системот Мари–Дарлинг во Австралија, сè почесто не стигнуваат до морето, додека таканаречените кризи на „нултиот ден“, кога градовите остануваат без вода, стануваат реалност, како што беше случајот со Ченаи во Индија.

Половина од големите светски езера се намалиле уште од раните 1990-ти години. Дури и земји кои традиционално се сметаат за богати со вода, како Обединетото Кралство, се изложени на ризик поради зависноста од увоз на храна и производи за чија изработка е потребна голема количина вода.

Професорот Кавех Мадани, кој го предводел тимот што го изработил извештајот, предупредува: „Овој извештај ја кажува непријатната вистина – многу критични водни системи веќе се во банкрот. Ситуацијата е исклучително итна, бидејќи никој не знае кога целиот систем би можел да се урне.“

Околу 70 проценти од слатката вода што ја користат луѓето оди во земјоделството. Според Мадани, милиони земјоделци се обидуваат да произведат повеќе храна со сè помалку, загадени или нестабилни водни извори. „Водниот банкрот во земји како Индија или Пакистан не е локален проблем, тој директно влијае и на глобалниот извоз на храна, како оризот“, вели тој.

Извештајот покажува дека повеќе од половина од светската храна се произведува во региони каде водните ресурси се во опаѓање или крајно нестабилни. Прекумерното црпење подземни води веќе довело до слегнување на големи градови низ светот, иранскиот Рафсањан тоне и до 30 сантиметри годишно, Туларе во САД околу 28 сантиметри, а Мексико Сити околу 21 сантиметар. Слични проблеми се забележуваат и во Џакарта, Манила, Лагос и Кабул.

Меѓу највидливите последици од водниот банкрот се и стотиците вртачи на интензивно обработуваната рамнина Коња во Турција, како и масовното уништување на природни резервоари. Во последните пет децении, човештвото уништило мочуришта со површина речиси еднаква на Европската Унија.

Извештајот повикува на темелна промена во начинот на кој светот управува со водата, од ограничување на правата за црпење вода до трансформација на водно интензивните сектори, како земјоделството и индустријата.

„Управувањето со водниот банкрот бара искреност, храброст и силна политичка волја“, нагласува Мадани. „Не можеме да ги вратиме стопените глечери ниту да ги обновиме уништените водоносници, но можеме да спречиме понатамошни загуби и да ги прилагодиме нашите институции на новите хидролошки граници.“

Потсекретарот на ОН, Тшилиџи Марвала, предупредува дека водниот банкрот станува клучен двигател на нестабилност, миграции и конфликти, додавајќи дека праведното и одговорно управување со водата е суштинско за зачувување на мирот и општествената кохезија.