17 години од смртта на Слободан Милошевиќ

од Nikola Popovski
160 прегледи

Денеска се навршуваат 17 години од смртта на поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија (СРЈ), Слободан Милошевиќ, кој почина на 11 март 2006 година во притворското одделение на Хашкиот трибунал, каде што му се судеше за воени злосторства и злосторства против човештвото во Хрватска и во Косово и Метохија и за геноцид во Босна и Херцеговина.

Милошевиќ беше избран за претседател на Србија на првите повеќепартиски избори по распадот на комунизмот во декември 1990 година, а таа функција ја извршуваше два мандата.

Тој беше претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), која беше создадена од соединувањето на Сојузот на комунистите на Србија и Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Србија.

Во јули 1997 година е избран за претседател на СРЈ и на таа функција остана до изборите во септември 2000 година, на кои победи кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) Воислав Коштуница.

Милошевиќ првично одби да ги признае резултатите од претседателските избори, што доведе до масовни граѓански протести кои кулминираа на 5 октомври, кога стотици илјади демонстранти се собраа во Белград.

Новата влада го уапси Милошевиќ на 1 април 2001 година во Белград, поради наводна злоупотреба на службената положба, а врз основа на Уредбата на Владата на Србија, поранешниот претседател беше екстрадиран до Хашкиот трибунал на 28 јуни 2001 година под обвинение за воени злосторства на територијата на поранешна Југославија.

Судењето на Милошевиќ не заврши со судска пресуда, бидејќи поранешниот претседател на Србија и СРЈ почина во притворското одделение на Трибуналот како последица на срцев удар.

Телото на Слободан Милошевиќ беше донесено во Србија во март 2006 година, а поранешниот претседател е погребан во дворот на семејната куќа во Пожаревац.

На погребот на Милошевиќ присуствувале највисоките функционери на Социјалистичката партија на Србија, со исклучок на нејзиниот сегашен претседател Ивица Дачиќ, како и тогашниот заменик претседател на Српската радикална партија Томислав Николиќ, претседателот на Руската комунистичка партија Генадиј Зјуганов, пратеникот на руската Дума Сергеј Бабурин и генералот Леонид Ивашов, како и поранешниот американски јавен обвинител Ремзи Кларк.

Слични содржини