Двајца тинејџери кои биле осудени во летото 2023 година во Регионалниот суд во Лебен, Австрија за планирање напад врз средно училиште сега се повторно во притвор под сомнение за тероризам, пишува австриски „Кронен Цајтунг“, а пренесува „Хојте“.
Двајцата тинејџери, еден со потекло од Македонија и еден од Чеченија, биле осудени на делумно условни затворски казни на возраст од 15 и 16 години, бидејќи сакале да воспостават калифат во Австрија и со предумисла да убиваат лица од христијанска вероисповед.
Едниот од двајцата, сега 17-годишен, бил предвремено ослободен откако отслужил две третини од казната и, според судството, ги следел упатствата како што се мерки за дерадикализација и психотерапија.
Сепак, според канцеларијата на тамошниот јавен обвинител, тој повторно покажал јасни тенденции кон радикализација. Бил уапсен затоа што очигледно планирал крвопролевање со полуавтоматски пиштол и побарал од познаник да му даде пари однапред за да го купи оружјето, објавува „Кронен“.
Тинејџерот досега одбивал да соработува со истражителите. Неговиот соучесник, сега 18-годишен, беше уапсен на македонска граница кон крајот на август, откако се враќал од посета на земјава.
Тој исто така е обвинет за нови, сериозни планови за напади, вклучувајќи и употреба на бомби, и повторно е во затвор по условната казна од првото судење.