18.500 евра за 18 квадрати подземна гаража, цените на недвижностите „лудуваат“!

„Ние сме единствената држава во светот каде стара и нова недвижност се продаваат по иста цена. Точно е дека има и проблем со цената на гаражните места – како репер се зема највисоката, па така цената на подземно паркинг место не се разликува драстично на различни локации“, вели Јакимовски од Градежната комора за „Локално“

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Локално

„Паркинг место во подземна гаража во Дебар Маало 12.500 евра“, „подземна гаража – паркинг место во Центар 19 квадратни метри 11.100 евра“… Ова се дел од огласите за продажба на гаражни-паркинг места во Скопје. Цените уриваат рекорди. Според пресметките, еден квадратен метар во централното градско подрачје на Скопје се продава и по 1.420 евра!

„Продаваме подземна гаража во Центар, 18 квадратни метри со врата – решетка. Цена 18.500 евра“ – е еден од огласите за продажба на гаражно место.

Според менаџерите од градежниот бизнис следува период на зголемена побарувачка на станови бидејќи во економско – кризни времиња, освен златото и недвижностите се сметаат како неризична инвестиција.

Фото: Локално

„Повторно влеговме во период на неизвесност. Претходно веќе се соочувавме со проблем на недоволна понуда а зголемена побарувачка на станови. Долг период се гради само во централното градско јадро каде веќе просторот е стеснет, а не се гради на периферните точки, односно локации,поради што на пазарот има помала понуда што влијае врз висината на цената. Сега се соочуваме со нова економска криза и во вакви околности граѓаните поради страв од инфлација, парите ги вложуваат во недвижности, што претпоставува повторно зголемена побарувачка при намалена понуда – фактор кој влијае врз цената“ – вели за „Локално“, Ивица Јакимовски од Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Според најновите податоци на НБМ, индексот на цени на недвижности незапирливо расте – во четвртиот квартал од 2025 та на годишно ниво е зголемен за 25% додека во однос на третиот квартал порастот изнесува 3,2%, Податоците покажуваат дека на квартално ниво, на крајот од декември е регистрирано најниско ниво на раст на индексот на цени, за разлика од првиот квартал кога порастот изнесувал 7,2%, во второто тромесечје 8,6% а во третото индекстот се зголемил за 4%. Дали овие стапки навестуваат „стабилизација на цените“ допрва ќе се анализира, но според познавачите, состојбата сега повторно е искомплицирана со војната на Блискиот Исток.

Ивица Јакимовски/Фото: Фејсбук

Цените на недвижностите во земјава во текот на 2025 та ги достигнаа сите „пикови“. Според порталот „Ценанаквадрат“, во средината март порсечната цена на квадратен метар во Скопје изнесувала 2 106 евра.

„На пазарот се соочуваме со апсурди. Ние сме единствената држава во светот каде стара и нова недвижност се продаваат по иста цена. Точно е дека има и проблем со цената на гаражните места – како репер се зема највисоката, па така цената на подземно паркинг место не се разликува драстично на различни локации“, вели Јакимовски.

Во меѓувреме течат огласите во кои 1 квадратен метар гаражен простор чини 1.000 евра: „Цена 10 000 евра – отворено паркинг место во подземна гаража“.

Д.А.