Отворени се два центри за вакцинација помеѓу граничните премини Станке Лисичково – Делчево и Златарево – Ново Село. Граѓаните на Република Северна Македонија можат да бидат имунизирани во нив секој работен ден. Бидејќи мобилните канцеларии се наоѓаат во меѓуграничната зона, граѓаните нема да мора да влегуваат во Бугарија и затоа не треба да покажат негативен резултат на ПЦР-тест, објавија бугарските медиуми.
Оние коишто сакаат да се вакцинираат ќе можат да изберат помеѓу АстраЗенека, Бионтек/Фајзер и Модерна, а веќе се пријавиле нешто помалку од 2.000 луѓе. Отворањето на мобилните пунктови е идеја на бугарскиот филантроп д-р Милен Врабевски и со поддршка на Министерствата за здравство, одбрана, внатрешни работи и надворешни работи, како и Царинската агенција.
„Во овој случај, ние не зборуваме само за патриотска иницијатива, туку за работа во сложено епидемиолошко опкружување, во кое во голема мерка се вклучени граѓаните на Република Северна Македонија. Имаме 120.000 граѓани со наши пасоши и затоа сме должни да се грижиме на овие граѓани. Тие добиваат постојано донации, сепак недоволни и затоа решивме да го направиме овој гест на моја иницијатива, но со одлука на Советот на министри, да се грижиме за нив, ние сме должни да го сториме тоа“, рече д-р Милен Врабевски.
Докторката Николина Крастева за БНР вели дека има голем интерес за вакцинирање на граѓаните од околните места. Но, има и заинтересирани коишто доаѓаат од внатрешноста на земјата, додава таа. Медиумите пренесуваат изјави на македонски граѓани коишто имаат бизниси во Бугарија и притоа ја искористиле можноста за вакцинација, пријавувајќи го целото семјество.