Министерството за здравство информира дека R0 факторот на преносливост на вирусот покажува позитивен тренд на намалување, кој изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1.
Продолжува и трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица, во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен денеска за периодот од 27 јули до 2 август, 2020 година.
Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 38,1% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена. Во периодот 27 јули – 2 август се регистрирани 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6% повеќе од претходната недела на известување (20 – 26 јули).