Општина Центар ја информира јавноста дека уште 22 првачиња распоредени во две паралелки од центарското основно училиште Гоце Делчев се во изолација. Мајка на едно од првачињата, која е и наставник во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на корона вирусот, и не одела на работа, сепак детето го носела на настава.
Општина Центар најостро го осудува неодгворното однесување на наставничката и бара од директорката целосно да го испита случајот и соодветно да ја санкционира наставничката.
-Нагласувам дека вакво несовесно и неодговорно однесување на еден просветен работник не смее да биде толерирано. Наставниците треба да бидат пример како се работи посветено за доброто на децата и во никој случај не смеат да дозволат со своето однесување да ја доведат во опасност безбедноста на учениците “, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој е во постојан контакт со директорите на основните училишта, кои работат според препораките на надлежните здравствени институции.
Општината ги презема сите чекори за одржување на хигиената во училиштата и апелира до образовниот кадар и до родителите да ги почитуваат здравствените мерки и препораки.