25 дена војна на Блискиот Исток: Иран губи тактички, но САД и Израел не победуваат стратешки – конфликтот се продлабочува и поскапува

Конфликтот на Блискиот Исток влегува во многу покомплексна фаза - „Иран не влегува во директен судир со посилен противник, туку ја менуваат природата на војната“

од Nikola Popovski
45 прегледи Фото: Printscren/Youtube/Forbes

Речиси месец од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, спротивставени пораки од Вашингтон и Техеран дали воопшто се водат разговори меѓу САД и Иран. Од Белата куќа тврдат дека комуникацијата е во тек, додека иранските власти негираат дека има било какви преговори…

САД се блиску до остварување на клучните цели на операцијата „Епски бес“, велат во Белата Куќа. Во согласност со претходните проценки за тоа ќе бидат потребни меѓу четири и шест недели. Американскиот претседател изјави дека Иран очајно сака да постигне договор за ставање крај на борбите, но се плаши да го признае тоа поради револтот од сопствениот народ.

„Решивме осум војни, луѓето некако забораваат. И добиваме уште една. Победуваме толку силно, никој досега не видел вакво нешто на Блискиот Исток. И тие преговараат, патем, и толку многу сакаат да склучат договор, но се плашат да го кажат тоа затоа што мислат дека ќе бидат убиени од сопствениот народ. Исто така се плашат дека ќе бидат убиени од нас“, изјави американскиот Доналд Трамп, претседател на САД.

Сепак, шефот на иранската дипломатија вели дека земјата ќе продолжи да се брани и засега нема намера да преговара. САД му понудија на Иран план од 15 точки за крај на воените дејствија. Техеран возврати со пет услови, меѓу кои бара укинување на санкциите и исплата на репарации.

„Досега не се случиле никакви преговори. Со сигурност го кажувам ова дека немаме разговори и преговори со нашите американски колеги. Но, во текот на изминатите неколку дена, нашите американски колеги почнаа да испраќаат пораки преку други земји кои се наши пријатели. Ако има пораки преку други, на кои одговараме со наш сопствен став и барања, тоа не се нарекува разговор, ниту преговори, ниту нешто слично“, изјави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.

Како е бојното поле и кој моментално губи?

Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, ако се гледа чисто воено, реално е дека Иран трпи потешки удари. Тој истакнува дека Американците и Израелците имаат технолошка надмоќ – користат стелт-авиони, прецизни ракети и напредни разузнавачки системи, што им овозможува да погодуваат конкретни цели: бази, складишта, ракетни позиции и командни структури.

-Тоа значи дека на краток рок, Иран губи во класична воена смисла. Но, тука завршува едноставната анализа. Иран свесно ја избегнува класичната конфронтација и ја префрла војната во асиметрична рамка. Со масовни напади со дронови и ракети, создава континуиран притисок и го тера противникот да троши ресурси, време и внимание на одбрана. Дури и најнапредните системи имаат ограничувања кога се соочуваат со голем број координирани напади. Затоа реалноста е понијансирана: Иран губи тактички, но САД и Израел не победуваат стратешки. Војната не се затвора брзо, туку се продлабочува и поскапува, што ја прави оваа ситуација проблематична и за двете страни, вели Србиновски во анализа за „Локално“.

Фото: Александар Србиновски

Иако Трамп претходно тврдеше дека сака безусловна капитулација, сега бара преговори. За Србиновски, војната не го даде очекуваниот политички ефект за американската страна.

-Наместо распад или слабеење на системот, по елиминацијата на Али Хаменеи, Иран релативно брзо се стабилизираше околу Мојтаба Хаменеи. Но уште поважно, реалната моќ се концентрираше кај безбедносните структури, пред сè Револуционерната гарда. Наместо да се отвори простор за внатрешна нестабилност, системот стана поцврст и поидеолошки затворен. Дел од населението, наместо да се дистанцира, се консолидираше околу државата, а безбедносниот апарат ја зајакна контролата.

Ова не е изненадување ако се земе предвид дека станува збор за недемократски систем кој со децении функционира како безбедносна држава и практично се подготвува за ваков тип на конфликт речиси три децении. Во таква ситуација, воената надмоќ не се претвора автоматски во политичка победа. Затоа преговорите не се знак дека некој губи воено, туку дека не се постигнати стратешките цели, потенцира соговорникот.

Американската војска подготвува да распореди најмалку 1.000 војници на Блискиот Исток во наредните денови. Се погласни се шпекулациите за копнена офанзива на САД врз виталниот нафтен центар на островот Харг во услови на глобален раст на цените на енергенсите.

-Испраќањето војници е јасен сигнал дека почетната стратегија не дала резултат каков што се очекувал. Воздушните удари можат да уништат конкретни цели, но не можат да го „затворат“ Иран како оперативен простор. Иран има специфична географија – огромна територија, планински региони и длабочина која овозможува системите да се дисперзираат, да се кријат и повторно да се активираат. Тоа значи дека нема класична фронтова линија и нема брза победа преку чистење на теренот.

Дополнително, Ормус е клучен елемент. Иран не мора целосно да го блокира теснецот за да создаде ефект – доволно е да го направи нестабилен и ризичен. Со комбинација од мини, дронови и крајбрежни ракетни системи, секое движење станува потенцијална закана. Во таа смисла, испраќањето трупи значи дека конфликтот влегува во нова, многу покомплексна фаза – каде воздушната доминација не е доволна и се отвора ризик од подолготрајно и потешко ангажирање на терен, анализира Србиновски, додавајќи дека нарушувањето на транспортот на нафта и притисокот врз Ормус имаат директно влијание врз глобалниот пазар и создаваат нестабилност што тешко се контролира.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/The White House

-Во вакви ситуации, секогаш има актери кои индиректно профитираат, но тоа не значи дека тие резултати биле однапред планирани. Напротив, ова укажува дека конфликтот постепено излегува од рамките на првичната стратегија и почнува да создава пошироки геоекономски ефекти кои никој целосно не ги контролира, нагласува аналитичарот.

Запрашан на што се должи отпорноста на Иранците и издржливоста во војната со најмоќната земја во светот, соговорникот оценува дека тоа, пред сè доаѓа од нивниот пристап – тие не влегуваат во директен судир со посилен противник, туку ја менуваат природата на конфликтот.

-Наместо класична војна, користат асиметрични методи: дронови, ракети, напади врз инфраструктура и индиректно ширење на конфликтот преку регионот. Тактиката делумно функционира. Иако Иран губи во директна воена смисла, успева да ја зголеми цената на конфликтот за противникот и да го спречи сценариото на брз пораз. Ова не е стратегија за класична победа, туку за издржливост да се преживее конфликтот, да се одржи притисок и да се избегне колапс, смета Србиновски.

Трамп синоќа порача „за војна ми треба дозвола од Конгресот, ќе спроведам специјална операција против Иран”. Со оглед дека ги користи токму зборовите кои рускиот претседател Владимир Путин ги користи за Украина, аналитичарот вели дека ова е повеќе прашање на политичка и правна комуникација отколку на реалната состојба на терен.

-Во САД, формална војна бара одобрување од Конгресот, па затоа се користат термини кои звучат поограничено, како „операција“. Истата логика ја видовме и кај Русија во Украина, каде што војната официјално се нарекува „специјална воена операција“. Со тоа се обидува да се намали политичката тежина на конфликтот и да се избегнат правните и политичките последици што доаѓаат со формално прогласување војна. Во суштина, тоа е обид да се контролира перцепцијата – конфликтот да изгледа управлив и ограничен, дури и кога во реалноста има многу пошироки димензии, заклучува Србиновски.

Н.П.