25. „Марш на ангелите“ – Родителите од Кочани тврдат дека дел од осомничените си ја купија слободата со пари и се движат без ограничувања

-Дали вие (Љупчо Коцевски), премиерот, претседателката на државата, претседателот на Собранието и сите носители на високи функции досега не се запрашавте дека од 16 март повеќе немате функција туку имате мисија - дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема, праша мајка чие дете загина во дискотеката „Пулс“

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Принтскрин

Родителите на починатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ од 16.март, денеска на 25. протестен „Марш за ангелите“ од пред Судот во Кочани, од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски побараа целосно презентирање на сите докази, јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт, проширување на обвинението и кон другите вмешани лица, итно преиспитување на решението за домашен притвор, како и обезбедување еднаков третман за сите осомничени.

-Наместо вистина и целосна одговорност, сведоци сме на пропусти и прикривање. Ние родителите сме принудени сами да го анализираме обвинителниот акт во детали и да укажуваме на вашите гррешки. Тоа претставува јасен доказ дека правдата не е страната на жртвите туку на виновниците. Особено е поразително е што дел од осомничените се со мерки на претпазливост. Секојдневно ги гледаме како се движат слободно по градот како да не се случило ништо. Тие лица си ја купија својата слобода со пари и живеат без никакви ограничувања, додека ние жртвите сме осудени на доживотна болка и загуба. Прашуваме што ќе биде со тие лица и дали правдата важи само за оние што немаат пари и врски и дали ние треба да платиме за да ни се вратат нашите деца, рече Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев.

Мајката исто така соопшти дека се сомневаат како постапките на Коцевски се резултат на силен политички притисок од страна на лица кои што стојат позади случајот.

Родителите бараат целосно презентирање на сите докази и јавна одговорност на пропустите во обвинителниот акт и проширување на обвинението и кон другите инволвирани лица.

-Дали вие, премиерот, претседателката на државата, претседателот на Собранието и сите носители на високи функции досега не се запрашавте дека од 16 март повеќе немате функција туку имате мисија – дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема. Историјата нема да ве праша кои функции сте ги извршувале туку дали ја исполнивте мисија да ја сочувате државата и да го вратите достоинството на граѓаните. Изборот е ваш дали ќе бидете гробари на државата или нејзини спасители? Нашите деца заслужуваат правда, кажа Тасева на денешниот „Марш на ангелите“.