30 денари по вакциниран пациент: Стимулација или демотивација за матичните лекари?

од Берта Китинска
543 прегледи

На утрешната владина седница ќе се разговара за новиот предлог на Комисијата за заразни болести, матичниот лекар да биде награден со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти запишани кај него, откако ќе надмине 70 отсто на вакцинација од вкупниот број пациенти.

-Имаше реакција од поголем број на матични лекари кои ја поддржуваат оваа мерка, сметаат дека е навистина добра, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче.

За претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова овој предлог е неприфатлив.

-Ние како фела дискутиравме во здружението, за нас новата мерка е неприфатлива.Во ниеден друг сектор во државата не се условуваат работниците, вели во разговр за „Локално“, д-р Чолакова-Дервишова.

Таа посочува дека владата ги има пакачено платите во јавното здравство, за обвинителите, професорите додека пак примарното здравство го третира како посинето.

-Педијатрите немаат шанси да добијат вакво нешто и лекарите кои имат пациенти со специфични болести како хашимото, каде вакцината има контраиндикации. Многу е лош предлогот и ние не го прифаќаме.Бараме од Владата сериозно да размисли и да ги прифати брањата кои ги доставиме.Ние веќе две години како што е почната пандемијата низ комуникација со нашите пациенти ги мотивираме и даваме совети за вакцините против ковид 19.Не доаѓа во предвид да ја срушиме довербата за 30 денари, смета Чолакова-Дервишова.

Со свои мислења за новата стимулативна мерка на социјалните мрежи  излегоа некои доктори.

Др.Ненад Лазаров вели дека нема пари кои ќе го натераат да убедува пациенти за да се вакцинираат.

-Дојди ти министер за 30 денари да натераш некого да се вакцинира!Нема пари што ќе ме натераат да убедувам пациенти да се вакцинираат 46 дена по прележување, а за сите останати т.е невакцинирани и непрележани, со задоволство, љубов и без “стимулација” ќе продолжиме да работиме и едуцираме, пишува во својот статус доктор Лазаров.

Воедно и докторот од Клиниката за Токсикологија д-р Нико Беќаровски упати предлог до своите колеги од Комисијата кои ја предложија оваа мерка дека ако навистина сакаат да стимулираат вакцинација, наместо понижувачката парична стимулација за матичните лекари да предложат да се укине партиципацијата за сите медицински услуги во 2022 година на сите вакцинирани граѓани.

Б.М.

Слични содржини