Рамуш Харадинај, поранешниот косовски премиер и командант на ОВК, во интервју за косовската ТВ АРТ тврди дека зад шпекулациите дека токму тој стои зад кумановскиот инцидент, стојат некои други структури кои не му мислат добро на регионот.
„Никако, во ниедна варијанта, јас или моите луѓе не сме вклучени во вакви настани. Значи, луѓето околу мене, тие кои јас ги претставувам, со тие што работам, немаат такви логики, не се дел од ова. Значи се работи за шпекулации, намерни шпекулации. Од разни мотиви, но не со добра намера, ниту за Албанците, ниту за регионот. Мислам дека проблемот на Балканот не е веќе кај патриотите. Јас не го загрозувам Балканот, како албански патриот. Јас не мислам дека Балканот е загрозен ниту од ниеден вистински македонски патриот, кој верува во својата нација, во своите права, во своите вредности.Ниту од српски патриот. Мислам дека сега Балканот е најмногу загрозен од владите кои имаат моќно корумпирано владеење, кои се зависни од криминалот и за кои не само што сакаат да останат на власт туку и да бидат амнестирани од казнување за злоделата кои ги чинат во текот на своето владеење“- вели Харадинај.
