Коалицијата на поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов, „ГЕРБ-СДС“ доби најмногу гласови од бугарските граѓани кои гласаа вчера во Македонија (109), додека втор најдобар резултат имала коалиција „Продолжуваат промените – Демократска Бугарија“ која добила 53 гласови. По нив следува партијата „Преродба“ со 48 гласови, па „Има таков народ“ со 24. Податоците се објавени на веб-страницата на Централната изборна комисија на Бугарија, (ЦИК).
Бугарските граѓани во Македонија можеа да го остварат правото на глас на пет места – во амбасадата на Бугарија во Скопје, каде гласаа најголем број гласачи, во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, како и на избирачките места во Охрид, Прилеп и Струмица.
Како што објавија бугарските медиуми, на вчерашните парламентарни избори во Македонија гласале вкупно 327 бугарски граѓани, практично најмалку во споредба со оние што гласале на изборите во последните три години. Во јуни оваа година, во земјава гласале 340 бугарски државјани, во април 2023 година имало 453, а на изборите во октомври 2022 година 461 гласач.