МВР информираше дека расчистен е случајот со опожарувањето на неколку возила и една фотокопирница во Куманово. Според полицијата, денеска (05.12.2024) во 01.10 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, по претходно добиени оперативни информации и координација на СВР Куманово со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.А.(35) од Куманово.
Тој се сомничи дека на 02.12.2024 во Куманово опожарил три патнички моторни возила и еден деловен објект. Ф.А. бил приведен и задржан во Полициска станица Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Пред три дена, меѓу запалените автомобили беше и она на обвинителот Џелал Бајрами. Тој е поранешен министер за труд и социјална политика и заменик-министер за внатрешни работи кој стана јавен обвинител во републичкото обвинителство во 2016 година.
Беше опожарена и фотокопирница во сопственост на советникот во Советот на општина Куманово, Фитор Јакупи. Причините за пожарот засега остануваат непознати. Јакупи доаѓа од редовите на опозициската ДУИ.
По тој повод се огласија од партијата на Али Ахмети. Информираат дека биле запалени и неколку автомобили. Од ДУИ се децидни дека ова „претставува горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби“.