50.000 луѓе на митинг во Подгорица: „Нема да се откажеме од државата“

од Vladimir Zorba
278 прегледи

Според проценките на полицијата, 50.000 демонстранти се собраа на плоштадот „Независност“ во Подгорица во неделата вечерта да го изразат незадоволството од новата влада во Црна Гора, предводена од просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, која е поддржана и од Српската православна црква.

Собраните скандираат „Не ја даваме државата“ и ја пеат „Бела Чао“, а забележливо е дека тие не носат партиски, туку исклучиво на државни обележја.

„Според проценките на полицијата, околу 50.000 граѓани се присутни на Плоштадот на независноста и сè оди без инциденти. Колони возила со граѓани од правец Никшиќ, Даниловград и Цетиње се уште пристигнуваат“, соопшти црногорската полиција, наведувајќи дека нема оперативни информации дека на митингот може да се случат инциденти, како што претходно објави просрпската опозиција.

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ на својот Твитер профил напиша „Да биде вечна Црна Гора“, додека неговата Демократска партија на социјалистите ги демантираше шпекулациите дека стои зад организацијата на овој собир, а организаторите се потпишаа како „црногорски патриотски организации“.

Во Црна Гора, поради епидемијата на коронавирус, е забрането да се собираат над 100 лица на отворено, но црногорските здравствени власти не се огласија по повод овој собир.

Слични содржини