73-годишен старец ѝ нанел тешки повреди на сопругата, по што си го одзел животот

од Nikola Popovski
278 прегледи

Откако ѝ нанел тешки телесни повреди на својата 84-годишна жена, 73-годишен сопруг од кавадаречкото село Шивец заминал од куќата и си го одзел животот, фрлајќи се во водите на Црна Река.

Според првичните сознанија на обвинителството, сега починатиот со години се грижел за сопругата која била со многу нарушено здравје. Во изминативе неколку недели се влошила и здравствената состојба на сега починатиот, по што тој посегнал по животот на оштетената, но и по сопствениот.

„Во Црна Река кај Шивец, Кавадаречко, било пронајдено удавено лице. При увидот било утврдено дека се работи за Г. М. (74) од село Шивец, а на телото не биле пронајдени траги на насилство. По преземени мерки, било констатирано дека тој претходно во семејниот дом по вербална расправија ја нападнал неговата сопруга М. М. (84) со остар и тврд предмет, по што заминал од дома“, соопштил Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде наредби за обезбедување и прибирање траги од лице место, папиларни линии  и предмети кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење, а во насока на утврдување факти во предметот.

Слични содржини