Кинеската Влада: Научниците во лабораторијата во Вухан биле обучени во САД и Франција

од Nikola Popovski
149 прегледи

Лабораторијата започнала да работи врз основа на договор меѓу Кина и Франција од 2004 година.

Научниците од кинеската лабораторија, кои се на мета на САД, се обучени во Америка и Франција, потенцираше кинеската влада во четвртокот, во услови на контроверзии околу потеклото на новиот коронавирус.

Спорна е тезата дека вирусот потекнува од лабораторијата во Вухан, каде што беше откриен Ковид-19 кон крајот на минатата година. Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави во неделата дека има многу докази за ова, што Пекинг остро го отфрли.

„Лабораторијата П4 во Вухан е резултат на соработката помеѓу кинеската и француската влада“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, пред новинарите.

„Проектот за лабораторијата, управувањето и конструкцијата беа изведени во согласност со строгите меѓународни стандарди и првиот персонал беше обучен во лабораториите на П4 во САД и Франција“, прецизира таа.

Лабораторијата доби официјална потврда во 2017 година за време на церемонијата во присуство на тогашниот француски премиер, Бернар Казенев.