Струшкото обвинителство отвори предмет за масовниот собир на верниците

од Берта Китинска
189 прегледи

Струшкото обвинителство отвори предмет по објавување на снимките и фотографиите на социјалните мрежи, а во врска со масовното присуство на граѓани на Литијата одржана на 7 мај, по повод верскиот празник Св. Ѓорѓија.

„Постапувањето на обвинителството е заради присуството на граѓани на Литијата во услови на пандемија, кога не се почитувани Одлуките на Владата на Република Северна Македонија за задолжително придржување на здравствените прописи и тоа во однос на забраната за групирање во групи поголеми од две лица, потребното растојание од најмалку два метри меѓу лицата и задолжително носење на заштитни маски доколку просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното“, информираат од Обвинителството.

Во насока на утврдување на факти во предметот, струшкото обвинителство поднесе Барање до МВР – ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. Притоа, како што наведуваат од обвинителството, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен.

Се очекува да биде утврдено кој требало да учествува на настанот, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот Ковид-19.

Обвинителството издаде и Наредба за обезбедување на безбедносните камери од околните објекти, со цел да биде извршена идентификација на лицата кои присуствувале на настанот, како и да се утврди дали лицата самоиницијативно присуствувале на настанот.

Слични содржини