Будимпешта ги повика амбасадорите од пет нордиски земји, обвинувајќи ги за лажни информации за Унгарија, откако тие земји изразија загриженост за демократијата, поради зголемените овластувања на владата на Виктор Орбан за време на пандемијата на коронавирусот.
Во соопштението, унгарскиот министер за надворешни работи, Питер Шијарто ги нападна владите на Исланд, Шведска, Данска, Норвешка и Финска, обвинувајќи ги за „ширење лажни информации“.
На 30 март, унгарскиот Парламент донесе контроверзен закон кој му дозволува на премиерот Орбан да управува со земјата со уредби за време на вонредна состојба, изречена поради пандемијата на коронавирусот.
По бројните критики од меѓународната заедница на законот, генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ истакна дека вонредната состојба „на неодредено време и без никаква контрола не гарантира дека ќе се почитуваат основните принципи на демократијата и дека ограничувањето на основните човекови права ќе биде пропорционално со заканата на која треба да се спротивставите “.
На 6-ти мај, министрите за надворешни работи на петте нордиски земји тогаш изразија загриженост, изјавувајќи дека „владеењето на правото треба да преовладува дури и во вонредна состојба“.
Министерот Шијарто на тоа возврати со прашањето дали „министрите од Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска знаат подобро од Унгарците што сакаат всушност сакаат тие?“
„Авторитарно владеење во Унгарија“
„Нека се грижат за своите работи“, им рече шефот на унгарската дипломатија пред своите колеги од нордиските земји.
Од враќањето на власт во 2010 година, Орбан редовно беше критикуван од меѓународните организации за неговото авторитарно владеење над Унгарија.
Минатата недела, невладината организација „Фридом Хаус“ ја отстрани Унгарија од списокот на демократските земји и ја класифицираше како „хибриден режим“.
Унгарија е членка на Советот на Европа, организација која обединува 47 земји. Будимпешта ги отфрли критиките поради воведувањето вонредна состојба.
Од Владата посочуваат дека Собранието може да ги прекине итните мерки во секое време и дека вонредната состојба ќе биде укината по завршувањето на пандемијата.
Европскиот парламент треба да разговара за состојбата со човековите права во Унгарија во среда.