Хрватската полиција цртала крстови на главите на мигрантите, ОН бараат истрага

од Vladimir Zorba
179 прегледи

Обединетите нации побараа хрватските власти да ги испитаат тврдењата за вознемирување на мигрантите на граничниот премин со БиХ, објави британскиот весник Гардијан. Според весникот, хрватската полиција, наводно, цртала крст на главите на мигрантите кога се обиделе да ја преминат границата од БиХ.

„Гардијан“ објави неколку фотографии кои хуманитарните организации ги опишаа како „последни во низата понижувања“ извршени од хрватските власти против мигрантите кои доаѓаат по т.н. „балканска рута“.

ОН побараа од хрватската администрација да ги испита сите наводи за вознемирување.

„Очигледно, еден од посакуваните ефекти на ваквото однесување е понижувањето на бегалците и мигрантите кои се обидуваат да ја преминат границата. Јас го гледам како резултат на еден или два мотиви“, рече Џек Сепок, службеник во НВО која делува во Велика Кладуша и дел од организација наречена мрежа за набљудување на граничното насилство.

Според него, ова било направено поради најмалку два мотива – хрватските власти тоа го сториле за да ги идентификуваат и понижат мигрантите или психолошки да трауматизираат луѓе, бидејќи повеќето од нив се муслимани.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) изрази длабока загриженост поради насилството и однесувањето на хрватската полиција кон мигрантите и бегалците.