Германскиот весник пишува за итните барања на властите во Белград, Загреб и во Скопје, кои сакаат да одржат избори среде пандемија пред да дојдат сериозните економски последици.
„Кризата со вирусот сè уште не помина, а проблематичниот Балкан веќе е загрозен од следната кризна долина: поради сигурноста дека се приближува рецесија, владите ги принудуваат граѓаните да излезат на гласање на крајот на нивниот мандат“, пишува германскиот весник „Франкфуртер Рундшау“.
И покрај барањата на опозицијата да се одложат парламентарните избори за есен, вонредната состојба во Србија беше укината и „сеприсутниот шеф на државата Александар Вушиќ“ го закажа гласањето за 21 јуни, се вели во весникот.
„Речиси нема сомнеж во убедливата победа на неговиот национално-популистички СНС, со оглед на контролираните медиуми и поделената опозиција, неодлучна околу бојкотот“, се наведува во статијата.
„И покрај тоа, првите бранови на отпуштања и влошените предвидувања за економски раст го охрабруваат Вучиќ да оди на летони, наместо на есенските избори“.
Франкфуртер Рундшау известува дека во Северна Македонија, поранешниот премиер Зоран Заев, кој ги предводи фаворизираните социјалдемократи, бара изборите да се одржат на 14 јуни, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ би сакала тоа да се случи подоцна и повикува на заштита на здравјето на граѓаните.
Во Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ изјавил дека „мала разлика“ е дали изборите ќе се одржат во јуни, јули, август или септември. Но, „Франкфуртер“ забележува: „На датумот на изборите, дури и нијансите можат да одлучат за победата или поразот“.
Весникот наведува дека во една анкета, само шест проценти од граѓаните во Хрватска гласале за избори во текот на летото, но дека локалните медиуми шпекулираат дека изборите сепак би можеле да бидат во првата половина на јули, поради тоа што економската прогноза е негативна.
„Во оваа јадранска земја зависна од туризмот,празните соби и хотели во текот на летната сезона би можеле да го урнат рејтингот на ХДЗ“, заклучува германскиот весник.