Кланиците станаа нов епицентар на зараза: Вирусот пронајден во дури 180 американски фабрики за преработка на месо

од Aleksandar Petrovski
241 прегледи

Коронавирусот откри и незгодна реалност на денешната месна индустрија откако пандемијата ги зафати работниците ширум светот. Поголемиот дел од ефтиното месо на полиците на западните супермаркети доаѓа од „модерните робови“ – мигранти работници со ниски плати.

САД се меѓу најтешко погодените земји затоа што вирусот е пронајден во 180 кланици за месо и погони за преработка на храна. Случаи се потврдени во Ирска, Шпанија, Австралија, Германија, Бразил, Канада и Велика Британија.

Условите за работа за мигрантите во германските кланици се во центарот на вниманието, откако повеќе од 200 работници се тестираа позитивно за „Ковид-19“ во фабрика во Коесфелд на западниот дел на земјата, јави Дојче веле. Ова не е изолиран случај затоа што коронавирусот е потврден и во неколку други фабрики во земјата.

Работна сила

Повеќе од 300 случаи се потврдени во фабриката „Милер Флејш“ во Биркенфелд. Голем број работници кои работат во Германија биле од Бугарија или Романија, а официјалните претставници велат дека вирусот, најверојатно, се шири преку заеднички станбен комплекс.

Има скоро 10,000 случаи на инфекција во фабриките во САД, според Центарот за истражувачко известување Мидвест. Погодени се 170 фабрики во 29 држави, а најмалку 45 работници починаа како резултат на инфекцијата. Експертите сметаат дека причините за епидемијата е комбинација на лоши услови за работа, работна сила која често ја сочинуваат мигрантски работници кои живеат во пренатрупано сместување и фактот дека погоните за преработка на месо останале отворени за време на кризата затоа што прехранбената индустрија се класифицирала како неопходен сектор.

Во некои фабрики не биле обезбедени потребните услови за работа, како што се социјалното растојание и хигиената. Проблемот е особено видлив на пазарите каде големите компании доминираат во индустријата. Како што е случајот во агробизнисот, многу мали кланици се затворија во последниве години во корист на поголемите постројки кои вработуваат илјада работници. Ова предизвика нестабилност во синџирите на снабдување, а во САД паничното купување месо и парадоксално еутаназијата на милиони земјоделски животни.

На долг рок, проблемот го поставува прашањето за одржливоста на месната индустрија во сегашниот систем во кој доминираат повеќе меѓународни компании, вклучувајќи ги Каргил, ЈБС, БРФ, Смитфилд и Тајсон. Во Канада, 949 случаи биле потврдени во фабриката за месо во сопственост на Каргил. Во Австралија, досега се потврдени околу 70 случаи во компанијата Чедар митс во Мелбурн, која е затворена поради длабокото чистење. Обвинителите во Бразил во моментов се обидуваат да ги затворат објектите каде што е откриен вирусот, вклучително и оние што ги води ЈБС.

Инфраструктура

Според Ројтерс, владините извештаи велат дека вирусот е потврден во девет постројки и изложил повеќе од 16.000 луѓе. Повеќе од 40 американски погони за преработка на месо се затворија во последните неколку недели, а само една од нив за преработка на свинско месо, Смитфилд во Јужна Дакота, има регистрирано повеќе од 850 потврдени случаи.

Претседателот на САД, Доналд Трамп се обиде да спречи бран на затворање со извршна наредба на 28 април што ја прогласи месната индустрија за критична инфраструктура. Фабриките во Ирска исто така беа тешко погодени. Повеќе од една третина од работната сила – вкупно 120 работници – во фабриката за свинско месо Росдера во Роскрео беа позитивни на вирусот на почетокот од април.

Сектор

Dawn Meats, која произведува повеќе од 400 милиони хамбургери годишно за местата на Мекдоналдс во Велика Британија и Европа, ја затвори својата фабрика во Вестмит по позитивните случаи. Агро-прехранбената индустрија е најважната домашна индустрија во земјата, во која работат повеќе од 170.000 луѓе.

Производството се извезува во повеќе од 180 земји, а секторот за економија вреди 14 милијарди евра. Британскиот Гардијан контактирал со работниците во Мисисипи, Арканзас и Џорџија. Работниците, под услов на анонимност, рекле дека се плашат од инфекција затоа што нема социјална дистанца, „луѓето се еден до друг, тоа е како говеда“, рекле тие.

Каргил, ЈБС, Тајсон и БРФ наведоа значајна работа што ја прават за решавање на овие проблеми, наведувајќи ја безбедноста на работниците како свој приоритет.

Слични содржини