Во Меморандумот од Пентагон, кој излезе во јавноста, се наведува дека највисоките функционери на Министерството за одбрана на САД се подготвуваат за можноста армијата да се справи со пандемијата на коронавирус до 2021 година.
Меморандумот на Пентагон предупреди за реалната можност дека вакцината против Ковид-19 нема да биде достапна пред летото 2021 година, пренесува РТС.
„Имаме долг пат, со можност повторно да се зајакне вирусот. Затоа, ние мора да се фокусираме на рестартирање на критичните мисии, зголемување на активностите и неопходните подготовки во случај Ковид-19 да се прероди до крајот на годината “, се наведува во текстот.
Претставниците на Пентагон не ја потврдија веродостојноста на меморандумот, но изјавија дека армијата развива планови за работа за време на пандемијата и дека тие планови биле слични на цитираниот, но дека ниту еден од нив сè уште не бил усвоен.
„Плановите сè уште не се одобрени од врвот на Министерството за одбрана на САД и нема да претпоставиме што би можело да биде во последната верзија“, велат од Министерството.
Документот повикува на интензивно тестирање и регистар на заразени лица, со цел да се следи развојот на ситуацијата.
„Сите индикации покажуваат дека ќе работиме во околината во која кружи коронавирусот во наредните месеци. Тоа ќе биде случај сè додека не се дојде до масовна имунизација “, се наведува во документот.
Опишани се и плановите за рестартирање на воените активности, вклучително и воените вежби и движењето на вооружените сили.
Претставници на Министерството за одбрана на САД порано соопштија дека коронавирусот ќе биде пречка за армијата сè додека не се добие вакцината, а министерот за одбрана Марк Еспер истакнал дека армијата се подготвува за „вториот бран на епидемијата, а можеби и нешто повеќе“.