Црна Гора најстабилна, Словенија без новозаразени: Каква е епидемиолошката состојба во регионот?

од Nikola Popovski
302 прегледи

Епидемиолошката состојба во земјите од регионот е променлива во односот на новите случаи, а единствено е стабилна состојбата во Црна Гора, каде што според официјалните информации веќе две недели нема нови случаи, така што се гледа крајот на епидемијата.

Црна Гора

Во Црна Гора, освен за еден увезен случај вчера, кој прво бил позитивен, а после вториот тест негативен, нема пациенти со коронавирус во таа земја веќе две недели, а бројот на излечени се зголемува од ден на ден. Сепак, според последните информации, еден случај на инфекција е потврден денес.

Според најавата на Институтот за јавно здравје, од почетокот на епидемијата биле заразени 325 лица, а закрепнати се 314. Од почетокот на епидемијата во Црна Гора, девет лица починале од коронавирусот.

БиХ

Во моментов има 2.056 лица заразени со коронавирусот во Босна и Херцеговина.

Во изминатите 24 часа, во Универзитетскиот клинички центар во Сараево биле тестирани 343 примероци, од кои вирусот е потврден кај 17 лица, а во Република Српска, од 507 тестирани примероци, 25 лица се позитивни за вирусот.

Од денес, престанала да важи мерката за задолжителна самоизолација при влез во земјата.

Хрватска

Во Хрватска, според вчерашните податоци, регистрирани се вкупно 2.212 лица заразени со коронавирусот, од кои шест се новозаразени, а 1.641 лица закрепнале.

86 луѓе починле, а 13 пациенти се на респиратор. Досега се тестирани вкупно 41.938 лица.

Националниот штаб за цивилна заштита на Хрватска соопштил денеска дека препораките со соодветна епидемиолошка рамка за одржување приватни и деловни угостителски собири, вклучително и свадби, ќе бидат објавени следната недела, а намерата е тие да започнат да се применуваат од 27 мај.

Заклучно со 27 мај, предвидено е да се овозможи собирање на 100 лица во затворен простор, а до 300 на отворено. Зголемувањето на бројот ќе зависи од епидемиолошката состојба.

Во соопштението се вели дека од 30 мај ќе бидат одобрени натпреварувањата на отворено без публика, заедно со епидемиолошката рамка на Хрватскиот институт за јавно здравје, што ќе биде објавена во меѓувреме.

Министерот за здравство, Вили Берош, тврди дека сè уште нема да се прогласи крајот на инфекцијата во Хрватска, затоа што, како што вели, станува збор за нова болест и предизвиците во тој поглед се бројни. Иако Словенија го прогласи крајот на епидемијата пред пет дена, Хрватска сигурно нема да го стори тоа за некое време да дојде, изјавил Берош.

„Ние секако нема. Тоа е нова болест, предизвиците се многубројни“, кратко изјавил Берош за хрватскиот портал „24sata“.

Словенија

Во Словенија, која е првата што прогласи крај на епидемијата, бројот на заразени со вирусот се искачил на 1.449. Бројот на починати од вирусот Ковид-19 е 99 лица, а досега се тестирани вкупно 58.978 лица.

Стапи на сила нов владин декрет, со кој се врши измена и дополнување на мерките за граничните премини при влез во Словенија.

Дополнителни контролни пунктови се отвораат на патните правци, а преминувањето на границите на одредени контролни пунктови ќе им биде дозволено само на дневните работници и други лица врз основа на потврда што ја оправдува потребата за преминување на државната граница.

Северна Македонија

Во последните 24 часа, во Северна Македонија се регистрирани 40 новозаразени и еден починат пациент.

Направени се 549 тестирања, а регистрирани се 40 нови случаи и тоа во: Скопје-26, Куманово-1, Прилеп-1, Тетово-10, Велес-1, Битола-1.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 1898, бројката на оздравени пациенти е 1378, на починати е 111, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 409.

Албанија

Според информациите на Министерството за здравство на Албанија, во таа земја се регистрирани 10 нови случаи на коронавирус, со што се зголемил вкупниот број на 842 лица од почетокот на пандемијата.

Закрепнале 605 пациенти, а Министерството за здравство апелира до граѓаните да се придржуваат кон заштитните мерки.

Премиерот Еди Рама претходно рекол дека Албанија бележи најмал број на смртни случаи на милиони жители во однос на земјите од регионот.