Додека полека се олабавуваат мерките воведени поради коронавирусот, Светската здравствена организација предупредува дека САРС-Ков-2 „можеби никогаш нема да исчезне“. Загриженоста за вториот, а евентуално и третиот бран на инфекција расте, пишува „Дојче веле“.
Отпрвин се чинеше дека живото зад затворените врати ќе трае многу долго, можеби дури и до крајот на летните одмори. Но, тогаш ситуацијата одеднаш се смени и вратите се отворија порано одколку што се мислеше. Најрестриктивните мерки се укинати во Германија, Шпанија, Грција и уште некои земји. Но се зголемува загриженоста дека планетата може да ја погоди втор бран на пандемијата.
Уште од сега се појавуваат првите знаци на вториот бран на коронавирус: Кина и Русија бележат нови инфекции, па дури и во Јужна Кореја, која беше пофалена по првиот бран за успешно сузбивање на ширењето на епидемијата, граѓаните повторно се заразуваат со САРС-Ков-2.
Вториот бран е повеќе или помалку неизбежен
„Овој вирус може да прерасне во друг ендемичен вирус во нашите општества. Можеби никогаш нема да исчезне“, рече Мајк Рајан, директор на Здравствената програмата за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО) на прес-конференција.
Ниту другите вируси, како ХИВ, едноставно не исчезнаа, вели Рајан. Но научниците развија лекови кои го контролираат вирусот и им овозможуваат на заразените да живеат во соживот со патогенот. Многу малку вируси се искоренети, како што е вирусот на крупни сипаници.
Сите други вируси сè уште се меѓу нас. Некои повремено се враќаат – како што е туберкулозата. Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека вториот бран на пандемијата може да биде многу полош од првиот.
Шпанскиот грип дојде и остана
Шпанскиот грип во 1918 година дошол во три големи бранови и се проценува дека однел 50 милиони животи. Пандемијата започнала во март 1918 година. Таа го достигнала врвот за време на вториот бран на крајот на истата година. На почетокот на 1919 година, дојде третиот бран кој траеше до средината на таа година. Вирусот веројатно никогаш не исчезна целосно.
Нема меѓународни стандарди за вториот бран
За да се намали ризикот од нов бран на инфекции, Светската здравствена организација советува во обновената стратегија за КОВИД-19 од 19 април олеснувањето на мерките да се врши „постепено“, „темелено на евиденција и докази“.
„Во идеален случај, треба да има пауза од најмалку две недели помеѓу поединечните фази (време на инкубација на КOVID-19). Ова ќе овозможи доволно време да се реагира соодветно“, велат од СЗО.
Сепак, за тоа не се зборува во Германија. Училиштата ја започнаа втората фаза на отворање само четири дена откако започна наставата за повозрасните одделенија; односно без советуваните две недели пауза.
„Вториот бран не е утврден термин. Овој термин се однесува (само) на нови појава на инфекција, кои доаѓаат откако почна да опаѓа бројот на заразени. Истото важи и за третиот бран. Ако болеста се задржи на ниско ниво во некои земји и ако нема доволно капацитет за истражување и идентификување на жаришта, тогаш постои опасност болеста повторно да избувне“, вели Кристијан Линдмаер, еден од портпаролите на СЗО, во својот писмен одговор за „ДВ“.
Порано отколку што се мислеше
Сега, кога летото започнува во северната хемисфера, а Грција и Шпанија се надеваат на туристи и покрај вирусот, вториот бран би можел да не погоди порано отколку што се мислеше.
Големиот бран на нови инфекции би довел и до нов бран на ограничувања.
„Токму ова се обидуваме да го спречиме. Се надеваме и веруваме дека Германија, Кореја и другите земји ќе бидат во состојба да се изборат со жариштата. Во некои случаи, на регионално ниво, можеби ќе треба да се преземат конкретни мерки за да се намалат одредени начини на пренесување на вирусот“, вели Мајк Рајан од СЗО.
Како што стојат работите, можеби ќе треба повторно да ги одложиме плановите за одмор.