
Американскиот дипломат Ричард Гренел ќе остане специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за разговорите помеѓу Србија и Косово, потврди неговиот портпарол Дик Кастин.
„Гренел ја очекува следната дискусија за дијалогот меѓу [Србија и Косово] веднаш штом се утврди составот на [косовската] влада“, рече Кастин за РСЕ.
Германската агенција ДПА претходно објави дека Гренел ќе се повлече од позицијата амбасадор на САД во Германија за неколку недели.
Гренел тогаш го потврди ова на Твитер, пренесувајќи ја објавата на „Дејли Вајр“ со веста за неговата оставка од функцијата амбасадор во Берлин, со коментар „точно“, пренесува Бета.
Американскиот дипломат служеше и како директор на националната разузнавачка служба во Вашингтон, а Сенатот на САД оваа недела го назначи републиканскиот конгресмен Џон Ратклиф на оваа функција.
Новинската агенција ДПА објави дека Гренел ќе биде заменет како в.д. амбасадор во Берлин од в.д. заменикот Робин Квинвил.
Во октомври 2019 година, Гренел беше назначен за специјален претставник на Трамп за преговори меѓу Србија и Косово.
Таа одлука беше изненадувачка, бидејќи на крајот на август 2019 година, дипломатот Метју Палмер беше назначен за специјален пратеник на американскиот државен секретар за Западен Балкан.
На почетокот на 2020 година, Гренел успеа да ги натера претставниците на Србија и на Косово да потпишат три писма за намери – за обнова на железничкиот, воздушниот и патниот сообраќај.