
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска дека се откажал од започнување на големи иницијативи за решавање на прашањето за Косово и додаде дека чека на тоа што ќе се предложи.
„Јас се откажав од некои големи иницијативи и чекам да видам што ќе ни предложат. Не очекувам ништо. Не знам што ќе се случи. Не знам што да очекувам. Ништо конкретно“, рече Вучиќ за РСЕ.
Тој рече дека вчерашното укинување на косовската мерка за реципроцитет отворило простор за дијалог меѓу Белград и Приштина.
„Ова ни отвора можност да започнеме да зборуваме, доколку таа мерка остане и опстојува повеќе од неколку дена, и верувам дека не станува збор за судир на двете страни, туку прашање на суштина, прашање на слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, она за што ние зборуваме“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека верува дека тоа ќе има добар ефект врз економијата и на Белград и на Приштина, но и на народот.
„Значи, не само за Србите, туку и за Албанците, тоа ќе создаде еден вид рамка за да можат нашите деловни заедници да соработуваат неспоредливо подобро. Се разбира, тоа ќе отвори можност за политички дијалог“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека очекува Лајчак да пристигне во Белград и Приштина по изборите во Србија на 21 јуни и дека тогаш ќе види што ќе се случува следно.