По инцидентот во кафеаната „Чардак“ кога пазарните инспектори беа спречени да извршат контрола затоа што во внатрешниот дел каде што не смее да се примаат гости седеле лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, советникот на министерот Чулев, Андоновски и командирот на единицата „Тигри“, јавноста очекува Јавното обвинителство да отвори случај.
Најавените казни од страна на пазарната инспекција за сопственикот на кафеаната за непочитување на мерките против коронавирусот и за попречување на инспекцискиот надзор не го затвора целосно случајот. Јавното обвинителство треба да го испита целиот случај поради незаконските дејствија, откако лидерот на опозицијата и лицата со кои бил во друштво можеле да го спречат или прекинат отпорот на угостителот кон инспекторите, но тоа не го сториле.
Со право се поставува прашањето каква била улогата на Мицкоски и Андоновски за време на инцидентот? Што правеле тие додека сопственикот забранувал инспекторите да влезат во кафеаната? Дали го поттикнувале да дава отпор на државни службеници додека се обидувале да извршат службена задача? Ако не поттикнувале тогаш зошто не го спречиле сопственикот затоа што нивнаата професионална и општествена положба наметнуваат да спречат кривичо дело ако се одвива пред нив? Многу други прашања отвора случајот со „Чардак“ на кои ќе мора Јавното обвинителство да одговори пред да поднесе соодветни обвинителни акти.
Понатаму, што се случувало со снимките од камерите во кафаната, дали сакал некој да ги сокрие, да ги уништи или избрише? Ако тоа е направено тогаш кој го сторил? Дали Мицкоски и Андоновски учевствувале во диверзијата со снимките или продолжиле немо да следат како некој уништувал докази? И ова е дел од инцидентот кој мора да го истражат обвинителите за да знаат дали постои нечија кривична одговорност за уништување доказен материјал.
Изминува првата недела откако се случи настанот со пазарните инспектори, но Јавното обвинителство се уште нема официјален став за настанот, особено за овие наводи, затоа што едно е непочитување мерки за заштита од коронавирусот, за што Мицкоски и Андоновски изјавија дека ќе платат казна, а сосема друга е одговорноста за односот кон инспекторите и кон снимките.
Оттаму, се очекува Јавното обвинителство да не ги затвора очите пред фактите, туку мора да ги провери и јавноста да знае кој што точно правел додека траела кафанската драма.
За сега познато е дека Мицкоски, Андоновски и „тигарот“ со дозвола на сопственикот на кафеаната ги прекршиле мерките за забрана и седеле во затворениот дел, со самото тоа заработиле казна. За тоа што следело понатаму, ќе мора да утврди обвинителството.