
Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека иницијативата „мини Шенген“, предложена од претседателот на Србија, Александар Вушиќ, е природен процес, надополнувачки за процесот на европска интеграција.
На интернет-панел-дискусијата „Пристапување на Западен Балкан во ЕУ: кредибилитет, предвидливост и кормило на политиката“ на Економскиот форум во Делфи, Рама истакна дека регионот мора да се соочи со голем број предизвици, вклучително и реформите во јавната администрација, како и ставовите и погледите на општествата во земјите од регионот до регионални иницијативи како што е „малиот шенген“, за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во регионот.
Тој истакна дека регионалната интеграција е комплементарен процес за европска интеграција и му се заблагодари на комесарот за проширување, Оливер Вархеји за посветеноста на двата процеса.
„ЕУ го признава процесот на регионална интеграција не само како добар принцип, туку како реална потреба и вистински напор на патот кон ЕУ, што е добро за сите“, истакна Рама.
Тој рече дека меѓусебната комуникација и разбирање ќе придонесат за подобрување на ситуацијата во регионот.
„Мора да работиме многу меѓу нас, но исто така ни требаат партнери кои ќе работат на конкретни проекти со нас, инвестиции со цел да постигнеме што е можно повеќе, и за нас и за целиот свет“, рече Рама.
Тој потсети дека ЕУ успеала да постигне договор за започнување на пристапните преговори со Скопје и Тирана и истакна дека постигнувањето на заеднички јазик во рамките на ЕУ е многу важно за регионот.
Рама изрази надеж дека сето ова ќе придонесе за натамошна интеграција не само во виртуелниот простор, заради сегашните услови, туку и за реална интеграција на полето на меѓусебна соработка.
На прашањето како ги коментира барањата на грчката влада за решавање на имотно- правниот статус на Грците кои живеат во Албанија, Рама истакна дека има одредени проблеми со кои се занимаваат и каде е постигнат одреден напредок.
„Но, сè уште има простор за подобрување. Ние работиме на подобрување на правната рамка и ја имаме поддршката од Судот за човекови права во Стразбур“, објасни албанскиот премиер.
Тој истакна дека односите меѓу Грците и Албанците се далеку подобри од односите меѓу грчката и албанската влада и дека односите меѓу двата народа се вистински пример.
„Но, морам да кажам дека нашите односи се многу добри, но и дека има простор тие да бидат уште подобри. Имавме соработка, имаме соработка дури и во овие вонредни услови“, заклучи Рама.