Американски маринец во Русија осуден на 16 години затвор поради шпионажа

од Nikola Popovski
123 прегледи

Пол Вилан, државјанин на САД и на уште три други земји, обвинет за шпионажа во Русија, доби казна затвор од 16 години. Американскиот амбасадор во Москва, Џон Саливан, изјавил дека е разочаран од пресудата и дека тоа ќе влијае на односите меѓу Вашингтон и Москва, но дека дијалогот нема да биде прекинат.

Судот во Москва донел пресуда денес во случајот Вилан, кој најавил дека ќе поднесе жалба.

Во обвинението се барало 18 години затвор.

Адвокатот на Вилан укажал на можноста неговиот клиент да биде разменет со рускиот државјани Виктор Бут или Константин Јарошенко, кои се наоѓаат во затвор во САД.

Во своето последно обраќање пред судот, на крајот на мај, Вилан побарал да биде ослободен, бидејќи, како што рекол, тој е невин.

Процесот внимателно се следи и во САД, американскиот амбасадор неколкупати доаѓал на рочиштетот, но тие никогаш не го пуштиле да влезе бидејќи судењето било затворено за јавноста.

Според руската Федерална служба за безбедност, Вилан бил фатен за шпионирање. Тој е со канадско потекло, а има и државјанство на САД, Ирска и Велика Британија.

Неговиот брат тврди дека Вилан е поранешен маринец и дека бил во Москва поради свадбата на пријател. Вилан претходно се изјасни за невин по обвиненијата против него.