
Националниот институт за јавно здравје на Косово (NIJZ) објави дека се регистрирани уште 129 лица тестирани позитивно за коронавирус, што е најголем број заразени во еден ден од почетокот на пандемијата КОВИД-19.
Вкупниот број на заразени лица во Косово досега е 1.614.
Од NIJZ најавија дека во последната недела има зголемување на бројот на позитивни случаи, кои се слични по интензитет на оние во средината на април и дека има случаи на вработени во јавни и приватни организации.
Институтот затоа му препорача на Министерството за здравство да ги затвори секторите каде има позитивни случаи и да ги задржи своите контакти во самоизолација, и да ја направи задолжителна примената на санитарните мерки, пред сè одржување физичка оддалеченост и носење маски во јавноста.
„Апелираме до граѓаните, компаниите, угостителството, строго да го почитуваат физичкото растојание, употреба на маски, дезинфекција и вентилација на просториите, да се спречи можното ширење на инфекцијата и да се избегне ширењето во затворен простор“, се вели во соопштението.
Министерот за здравство, Арменд Земај, вечерва изјави дека е против повторно воведување рестриктивни мерки, но дека ќе даде се од себе за да ги почитува санитарните мерки препорачани од Институтот. Министерот за здравство рече дека дури и јавните институции како Пошта можат да бидат затворени доколку не се почитуваат мерките.
Тој оцени дека голем број позитивни на КОВИД-19 се резултат на голем број тестови во последните денови.
„Сè додека сум министер, нема да има штедење на тестовите и нема да има селективно тестирање“, рече тој, додавајќи дека секој што има симптоми и бара тестирање, ќе биде тестиран.
Денес, десет пациенти се прогласени за излекувани на Косово, така што вкупниот број закрепени досега е 963.
За време на епидемијата починале 33 лица кои, покрај КОВИД-19, имале и други хронични заболувања.
Сега има 618 активни случаи на Косово.