Германски обвинител им пишал на родителите на Медлин Меккен, девојчето кое исчезна од туристички апартман во Португалија во 2007 година.
Тој ги информирал дека има „конкретни докази“ дека таа е мртва, пренесува „Скај њуз“.
Обвинителот Ханс Кристијан Волтерс им напишал на Кејт и Гери Меккен дека воопшто не се сомневал дека нивната ќерка е мртва, но тој не им кажал зошто. Тој објасни дека со откривањето на доказите ќе ја загрози истрагата во која Кристијан Б. е во улога на главен осомничен.
Да потсетиме дека Медлин исчезна пред 13 години од туристички апартман во Португалија на тригодишна возраст. Следеше обемна полициска операција, имаше неколку лажни индиции и обвинувања, како и неколку нагодби порави клевета.
По скоро две децении, германската полиција неодамна објавила дека нов осомничен за исчезнување на девојчето е Кристијан Б., кој моментно се наоѓа во германски затвор. Осомничениот, кој издржува казна за силување и употреба на дрога во затворот во Хамбург, сè уште не е сослушан.
Волтерс потврдил за британските медиуми дека испратил писмо до родителите на Медлин. „Дејли меил“ пишува дека тој не ги споделил доказите ниту со Скотланд Јард ниту со португалската полиција, која исто така учествува во истрагата.
„Ние сме прилично сигурни дека го истражуваме убиството и имаме доказ за тоа. Можам да ја разбереме болката на родителите. И ние разбираме дека сакаат олеснување, но подобро е да имаат јасен и успешен заклучок за случајот“, рече тој.
Минатата недела адвокатот на родителите во Португалија, Рожерио Алвеш го повикал германскиот обвинител да каже сè што знае. И портпаролката на семејството, Кларенс Мичел изјавила дека не може да разговара за приватната кореспонденција и не е јасно дали родителите веќе го добиле писмото.
Во меѓувреме, градоначалникот на Лагос, Уго Переира, ги повикал соработниците на Кристијан Б. да ја прекинат тишината и да ги дадат потребните информации.
„Луѓето со криминално минато не се подготвени да соработуваат со надлежните органи, но јас им се обраќам на оние пријатели на осомничениот да кажат сè што знаат“, рече тој.
„Ако не сакаат да разговараат директно со полицијата, тие можат да ги испратат информациите анонимно, доколку тоа ќе ни помогне да разбереме што се случило“, изјавил тој.
Тој исто така истакнал дека не знае дали Кристијан Б. е одговорен за исчезнувањето на девојчето. Според него, регионот на Лагос, каде се наоѓа Праја де Луз, каде што девојчето исчезна, е безбедна дестинација за семејства со мали деца.