Лајчак: Обновување на дијалогот Белград – Приштина без одложување

од Vladimir Zorba
172 прегледи

Мирослав Лајчак денеска од Белград рече дека тој е лично подготвен да го продолжи дијалогот Србија – Косово под покровителство на ЕУ без одложување и со цел да се постигне сеопфатен договор што ќе ги нормализира односите, ќе ги реши нерешените прашања, ќе биде одржлив и прифатлив и за регионот и за членките на ЕУ.

– Како посредник, јас не сум тука да притискам за одреден договор во секое време, туку да им помогнам на страните да постигнат договор што ќе функционира и за обете страни и за двата народа, рече Лајчак, кој му честиташе на Вучиќ за неговата изборна победа.

Лајчак исто така рече дека верува оти дијалогот може да продолжи уште во јули, потсетувајќи дека местото на Србија е во Европа и дека во голема мерка тоа зависи од решавање на прашањето со Приштина.

„Србија е дел од Европа. Вашите проблеми се наши. Но, знаете дека вашиот пат е поврзан со дијалогот“, рече Лајчак и додаде дека сака Србија да напредува во дијалогот.

Тој повторно ја истакна важноста на дијалогот и рече дека разговарал за очекувањата со претседателот на Србија.