Светската здравствена организација (СЗО) повика во понеделникот да се зголеми производството на дексаметазон, откако британски научници објавија дека овој моќен стероид значително ја намалува смртноста кај пациенти со тешка клиничка слика на Ковид-19.
„Пред нас се нови предизвици: зголемување на производството и брза и правична дистрибуција на дексаметазон ширум светот, фокусирајќи се на тоа каде е најпотребно“, изјавил генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„За среќа, тоа е евтин лек произведен од многу фабрики ширум светот, и за кој сме сигурни дека може да биде произведен со поголема брзина и во поголема количина“, додал тој.
Првите резултати од британското клиничко испитување „Recovery“ објавено минатата недела покажуваат дека дексаметазонот – првиот лек што го зголемува преживувањето на пациентите со Ковид-19, односно ја намалува смртноста за третина кај пациенти со најтешка форма на болеста.
„Дексаметазон треба да се користи само кај пациенти со Ковид-19 кои се во тешка и критична состојба, со строг клинички надзор“, предупредил тој.
„Нема докази дека овој лек е ефикасен кај пациенти со лесна форма на болеста и во превенција, што значи дека може да биде штетен“, посочил тој.
Побарувачката за дексаметазон е „веќе зголемена“, рече Тедрос Аданом Габрејесус, повикувајќи ја меѓународната заедница да биде „солидарна“ и „транспарентна“, така што снабдувањето со дексаметазон се испорачува пред се на земјите со најголем број на сериозно болни пациенти.
„Исто така е важно да се провери дали добавувачите можат да го гарантираат квалитетот на „производите“, бидејќи постои „висок ризик од влез на пазарот на производи со понизок квалитет и фалсификати“, предупреди лидерот на СЗО.
„Вчера, повеќе од 183,000 нови случаи на инфекција биле пријавени во СЗО, што е несомнено најголемиот број за еден ден“, соопштил тој.