
Бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе биде казнет со парична казна од 300 лева (150 евра) за кршење на наредбата за носење маска за лице за време на посетата на црква во вторникот, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Кирил Ананиев во понеделникот им нареди на Бугарите да носат маски повторно на сите затворени простори откако балканската држава забележа најголемо неделно зголемување на случаите со коронавирус.
„Сите лица кои влегоа во манастирот Рила без заштитни маски за време на посетата на премиерот, ќе бидат казнети“, соопшти Министерството за здравство.
Како Борисов, ќе бидат казнети и новинари, фотографи и сниматели кои го придружувале во црквата без маски, додаде Министерството.
Не се кажува дали ќе бидат казнети свештениците кои не носеле маски во црквата.
Минатата недела Бугарија објави 606 нови случаи на заразени со Ковид-19, со што вкупниот број на заразени лица достигна 3.984, со 207 смртни случаи.
Задолжително е носење маски во затворен простор, вклучувајќи возови и автобуси.